Вардарци нема, но голот на колото го постигна Дејан Манасков!

ЕХФ го објави првиот видео-магазин на најдобрите во Лигата на шампионите, по завршувањето на средбите од воведното коло. Вардар загуби на гостувањето кај Мешков Брест со 22-24, па ниту еден од ракометарите не се истакна да биде во идеалната седморка или во најубавите голови и одбрани, но затоа македонскиот репрезентативец Дејан Манасков котира највисоко.

Левото крило на Веспрем и на Македонија го постигна најубавиот гол во првото коло од ЛШ, на гостувањето во Нант, кај Кире Лазаров. Од својата позиција се уфрли на пикер, на линијата од шест метри и атрактивно, зад грб го најде патот до мрежата.

Интересно и во најубавата одбрана учествува македонски репрезентативец и тоа Кире Лазаров, на истиот натпревар. Неговиот зицер во една контра на Нант го одбрани Родриго Коралес и си ја заработи највисоката позиција во топ-5 одбрани.

Со него почнува и изборот за најдобрите седум во ова коло, како најдобар голман. Најдобро лево крило е Александер Блонц од Елверум, лев бек е Сандер Сагосен од Кил, среден бек е Ајденас Маласинскас од Мотор, а прв избор на десната бековсак позиција е Магнус Род од Фленсбург. Десно крило во идеалната постава е Алеиш Гомез од Барселона, а пивот Магнус Саугструп Јенсен од Алборг.

Новина од оваа сезона во магазинот на ЕХФ е што не чекаат гласање од публиката за да прогласат играч на колото, туку самите го прават тоа веднаш, заедно со останатите избори. Така, првото признание МВП му припадна на Сагосен од Кил.