Вардар се крена од пепелта и со самоувереност на еден европски шампион го надигра и го победи Фленсбург, лидерот и единствениот непоразен тим во групата А, со 31-26.

Кога Европа мислеше дека нејзиниот се уште важечки првак е потонат во просечноста, тој се издигна за да им покаже на сите што значи кога се игра со срце. „Изнемоштени“ од неактивност точно еден месец, вардарци влегоа во дуелот со Фленсбург гладни за надигрување и уште во првото полувреме тоа дојде до израз.

Во последните 10 минути од него поведоа почувуствително, имаа и 15-11 и 16-12, сепак по неколку мигови деконцентрација на пауза заминаа со 17-15. Вториот дел почна добро за бундеслигашот, кој конечно профункционира како што го знаеме, изендачувајќи на 19-19. Меѓутоа, Вардар бргу се врати во ритамот од првиот дел и со серија од 3-0 повторно се одлепи.

Предноста ја чуваше стабилно и сигурно, таа продолжи да расте до највисоки пет разлика, а кога во 56. минута достигна 29-23 јасно беше каков ќе биде епилогот од натпреваров. Капитенот Стојанче Стоилов пружи партија каква што одамнане сме виделе од него, само како симбол на срцето на овој Вардар, без разлика на новите имиња кои доаѓаат во него. Постигна осум гола од десет обиди, а го следеа Јотиќ со шест, Талески и Дисингер со по пет.

Со овие два бода, први во новата сезона, Вардар се приклучи на триото со по два бода, во вториот дел од табелата во групата А. Фленсбург остана на шест, но сега колку него има и Кјелце, којшто е прв, поради подобра гол-разлика. Вардар, за потсетување, има одиграно само два меча, иако ова беше дуел од четвртото коло, бидејќи одложени беа мечевите со Елверум дома и со Пик Сегед на гости. Слендиот е против Порто, во Скопје, на за седум дена.