Вардар си окрка „солена“ казна од ЕХФ!

Ракометниот суд при ЕХФ, денеска ги објави санкциите за Пик Сегед и за Вардар за мешаницата, која се случи на крајот од натпреварот во Сегедин, возвратен во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Вардаровите играчи беа, главно, нападнати, но и покрај тоа клубот окрка „солена“ казна.

ЕХФ го казни Вардар со 8.000 евра за инцидентот на крајот од натпреварот во Сегедин, иако домаќините беа предизвикувачи. Казнет е и Пик Сегед, вкупно со 16.000 евра, ако се собере глобата за сите влучени, меѓутоа, казната која е наменета и гласи исклучиво на име на клубот е пониска од онаа на Вардар и изнесува 5.000 евра.

Повод за инцидентот беше моментот кога Рожерио Мораес остро фаулираше противнички играч, поради што беше директно исклучен. Но и покрај судиската реакција, ова ги натера Деан Бомбач и Матеј Габер сами да бараат правда, па почнаа жестока вербална препирка придружена со кошкање. На ова одговорија и вардаровите ракометари, се создаде поголема мешаница, а се вклучија и Хорхе Македа, кој беше исклучен и седеше на трибини уште од претходно, како и помошниците на тренерот на Пик Сегед, Ѓорѓе Игњатовиќ и Марко Кривокапиќ.

Хаосот не резултираше со некое позначајно физичко пресметување, но затоа ги вработи дисциплинците во ЕХФ и тие ги поделија следните казни:

- 3.000 евра за Деан Бомбач како главен иницијатор на пресметката

- 2.000 евра за Матеј Габер, како втор поттикнувач на инцидентот

- 2.000 евра за Хорхе Македа, затоа што влезе на терен од трибини, како исклучен играч

- по 2.000 евра за  Ѓорѓе Игњатовиќ и за Марко Кривокапиќ поради навреди на официјалните лица

И сега доаѓаме до глобата на име на клубовите: „5.000 евра за Пик Сегед за однесувањето на тимот и поради пропустот да обезбеди сигурност и ред на мечот, особено што дисквалификуван играч се врати на теренот“ и „8.000 евра за Вардар однесувањето на тимот. Фактот што Вардар веќе бил казнет во тековната сезона за сличен прекршок, е семен како отежнителна околност“, пишува во извештајот.

Тој сличен прекршок е казната од октомври, на гостувањето кај Кјелце, кога Вардар беше казнет со 6.000 евра со објаснување „поради неспортското однесување на официјалните лица на тимот и на играчите, земајќи го предвид фактот дека дисквалификуван играч влезе на теренот“. 

Единствената позитивна вест од денешниот извештај на ЕХФ е тоа што нема да има дополнителни санкции за Рожерио Мораес, поради остриот старт. ЕХФ смета дека црвениот картон на мечот бил доволна казна.