Вардар немоќен во Порто, петтото место ќе биде тешка мисија!

Вардар не успеа да ја надгради импресивната победа над Мотор од пред седум дена и загуби од Порто и тоа убедливо, со 22-30.

Малата ротација, лимитираниот избор играчи, недостатокот на ракометари за некои позиции и, на крај, можеби дефокусираноста поради финансиските проблеми го направија своето, па Вардар делуваше беспомошно во Порто губејќи заслужено со повеќе разлика отколку што победи во Скопје, во септември (30-25).

Иако европскиот шампион отвори одлично, со сигурни напади и цврста одбрана, предводена од Марко Кизиќ, сепак бајката траеше кратко, едвај 10 минути. По стартните 3-1, Порто направи серија од 4-0 и го презеде водството. Максималното во првиот дел беше изразено со плус три (7-4, 10-7), само благодарение на 19-годишниот Кизиќ, кој запиша девет одбрани во овој полчас. Придонесе најмногу за вкупниот впечаток од Вардар да биде пристоен, а резултатот поднослив, 11-10 за Португалците.

Сепак, во вториот дел почна кошмарно, вардарци не можеа да постигнат гол цели осум минути, за кои Порто направи серија од 6-0, поведе со 18-11 и уште тогаш даде одговор како ќе заврши натпреварот. Техничките грешки во нападот беа премногу, домашниот голман Кинтана почна да брани од секоја позиција и Вардар тука застана.

До крајот не намали подолу од пет гола, но дури и тие беа недостижни кога се огласи финалната сирена. Данил Шишкарев беше убедливо најдобар поединец со седум гола од девет обиди, а Кизиќ застана на 10 интервенции. Кај Порто, Кинтана броеше до 14, а кај стрелците се истакнаа Ареја Родригеш и Андре Гомеш со по пет. Порто сега го прескокна Вардар и се качи на петтото место во групата Б, со 12 бода, еден повеќе од македонскиот првак. Во последното коло, на 29 февруари во Скопје гостува Монпелје и Вардар задолжително мора да победи, ако не сака да заврши шести. Меѓутоа, дури и тогаш ќе зависи од Порто, ќе чека негов пораз во Брест, затоа што сега дури ни реми на тој меч со Мешков не одговара, поради подобриот меѓусебен скор на Порто.