Вардар немоќен и во Полска, Кјелце уште поубедлив во реваншот

Вардар не беше блиску ни до изданието од Скопје пред шест дена, камо ли до позитивен резултат против Кјелце, па Полјаците моќно си поиграа со се уште актуелниот европски првак и стигнаа до победа од 36-29.

За разлика од првиот меч, за кој Стевче Алушовски изјави дека беше задоволен од одбраната, овој пат можеа да се најдат замерки и во тој дел од теренот. Првите слабости на Вардар почнаа да излегуваат на површина некаде по 20-тина минути игра. Дотогаш се играше, релативно, рамноправно и во 18. минута резултатот беше 10-10. Тогаш на сцена стапи резервата на Андреас Волф, Матеуш Корнецки и поведе серија од 5-0 за неговиот тим. 

Тоа се покажа клучна предност во натпреварот, која Кјелце умешно ја одржуваше до крајот. Второто полувреме почна со 18-12 за домаќините, кои претерано лесно наоѓаа пат до голот на Вардар, а кога ќе стигнеа дотаму немаа некоја особена пречка од Ристовски и Кантегрел, бидејќи запишаа само една единствена интервенција во вториот полчас.

Проблемот беше и непостојаноста на Вардар, ретко врзуваа добри парчиња во нападот и во одбраната и единствено може да се издвојат неколку минути до 42-та, кога со серија од 4-1 се доближи до 24-20. Тоа беше премалку за Кјелце, кој торпедираше без разлика дали на теренот играа првотимци или резервисти. Повторно Алекс Душебаев ја предводеше листата со стрелци, со седум гола, овој пат колку и Аркадиуш Морито, a седум имаше и Тимур Дибиров, еден повеќе од Ловро Јотиќ.

Боли статистиката на голманите, Корнецки стигна сам до 12, а Ристовски и Кантегрел заедно одбранија три противнички удари. Ова е трет пораз за Вардар во пет натпревари, со што остана на три бода, се уште шести. Кјелце се зацврсти на врвот со 13 бода. Следниот натпревар вардарци го играат на гости кај Порто, на 3 декемви.