Петти натпревар по ред ракометарите на Вардар мора да се помират со пораз во Лигата на шампионите, во случајов, втор во една недела од Пик Сегед, сега со 27-30.

Колку и да постоеше желба да се отскокне од калта во која тимот е заглибен веќе два месец и пол, колку и да се хранеа од енергијата во „Јане Сандански“, очигледно можностите се тие.

Уште воведот во натпреварот најави горка вечер, без оглед што Вардар ја отвори серијата голови во втората минута. По тој погодок на Стоилов, следниот за црвено-црните дојде дури во 19. минута, кога Пик Сегед веќе имаше нанижано осум гола едноподруго за неверојатни 8-1 уште на половина од полувремето. Меѓутоа, „вардарци“ полека почнаа да се консолидираат, Анте Гаџа даде важни голови, Мартин Томовски фати неколку топки и со низа од три гола Вардар најави враќање (9-5).

Сепак, Пик Сегед има премногу оружја во репертоарот за да дозволи да загуби такво нешто и откако предноста се стабилизира на 4-5 разлика неколку минути, сега Роланд Миклер предизвика нова офанзивна криза, па со серија од 4-1 Пик Сегед си заработи водство од 16-9 на паузата. Првите десет минути од продолжението беа најдобрите за Вардар, се играше лесно и полетно и што е најважно, ефикасно пред голот на Миклер.

Сепак, проблемот на Вардар не е дека не може да игра добро, туку тоа што не може да одржи високо ниво цел натпревар. Овој блесок бргу згасна, Пик Сегед се врати на побезбедна разлика и до крајот го менаџираше резултатот. Црвено-црните дефинитивно се разбудија и одиграа барем приближно како што посакува Вујовиќ, без многу трошење топки и поприсебно во дефанзива, но веќе беше доцна.

Дибиров и Гаџа со по пет гола беа најефикасни, а добар натпревар одигра и Талески со четири погодоци од пет обиди. Шоштариќ со седум гола беше прв стрелец, Бодо и Моралес додадоа по пет. Миклер застана на девет одбрани, Томовски имаше пет. Со петтиот пораз, сите едноподруго, Вардар остана на пет бода, на шестата позиција во групата А. Пик Сегед сега е втор со 12, еден помалку од Монпелје. Во следното коло, на 2 декември, македонскиот шампион му гостува на Кил.