Вардар доби бакшиш бодови од ЕХФ, може и до шесто место!

ЕХФ го соопшти фамозното администрациско доделување бодови и во Лигата на шампионите и во Европската лига и сигурно ќе крене ураган од реакции, бидејќи некои тимови се оштетени, некои добија, а критериумите се во најмала рака - лабави. За среќа, Вардар е меѓу оние тимови во ЛШ кои повеќе добија.

Три одложени натпревари на црвено-црните влегоа во административното прогласување победник и епилогот е - три бода. Односно, ЕХФ пресуди дека Вардар административно го губи натпреварот со ПСЖ, кој требаше да го игра на домашен терен, нерешено „завршува“ дуелот меѓу истите екипи во Париз, а Вардар е победник како гостин на Фленсбург.

Ова доделување бодови делува како да е од ракав, но беше најавено уште во декември, кога Извршниот комитет му додели ингеренции за одделот за натпреварување при ЕХФ, во случај да има натпревари кои нема да се одиграат, да бидат разрешени службено. Главниот критериум по кој најавија дека ќе судат беа „околностите во кои натпреварите се одложени“. Во слободна интерпретација, тоа би значело дека екипата која иницирала одложување го губи натпреварот, како што е јасна ситуацијата, на пример, со Фленсбург - Вардар.

Меѓутоа доаѓаме до двомечот Вардар - ПСЖ и таму имаме нелогичен резултат, два бода на ПСЖ за мечот во Скопје и реми за париската пресметка. Причината за тоа е, веројатно, во фактот што и двете екипи по еднаш го одложија дуелот во Франција, па на ЕХФ најлесно ѝ е да додели реми. 

Како и да е, Вардар доби бодови, кои, објективно, немаше да ги освои ако се играа натпреварите. Оттука, од шест бода кои ги имаше до денеска, доаѓа до девет и се замешува во борбата за шесто место на табелата. Меѓутоа два бода доби и Порто од мечот со Фленсбург, па сега има 10, еден повеќе од Мешков Брест. Нагласено е дека нивниот меѓусебен меч, Мешков - Порто ќе биде дополнително разгледан, меѓутоа веројатноста е дека ќе му биде доделен на Мешков. Ако е така, Вардар може да се најде во ситуација да влезе во последниот меч, со Мешков на само еден бод до шестото место на Порто.

Тоа ќе биде важно, бидејќи ЕХФ веќе се изјасни, дека сите осум екипи од А и Б групите ќе одат во осминафинале, наместо планираните шест, со тоа што ќе вкрстуваат по принцип 1-8, 2-7, 3-6, 4-5. Затоа, важно е дали Вардар како седми би вкрстил со второпласираниот Веспрем или како шести со Алборг, кој во моментов е трет во групата Б.

 

НОВИ ТАБЕЛИ

ГРУПА А: Кјелце 19, Фленсбург 17, ПСЖ 15, Пик Сегед 12, Мешков Брест 11 (-1), Порто 10 (-1), Вардар 9, Елверум 5

ГРУПА Б: Барселона 26, Веспрем 19, Алборг 14, Мотор 14, Кил 12, Нант 11, Целје 6, Загреб 0