Вардар ја заврши групната фаза во Лигата на шампионите со пораз од Мешков Брест, со 32-36, по што стана јасно дека во осминафиналето ќе игра против уште еден стар познаник - Веспрем.

Бледата и променлива форма, беспомошноста во нападот и сите негативни елементи во лицето на Вардар избија на површина во најлошото полувреме оваа сезона. Вардар делуваше дека му парира на Мешков само во почетните минути, но некаде во осмата, по 5-5 едноставно застана. Пешиќ фати неколку топки, „вардарци“ направија грешки, а Мешков го искористи да направи серија од четири невозвратени гола, која потоа ја протегна до 6-1.

Вардар имаше обид да се врати, се доближи на 10-12 и на 11-13, но повторно следуваше пад. Од 21. минута до крајот на полувремето постигна само еден гол, а прими седум и на паузата семафорот покажуваше 12-20. 

Во вториот дел Мешков умееше рутински да го одржува резултатот, кај Вардар како да немаше кој да биде импулс за некаков пресврт, иако негативата падна на поскромни 3-4 разлика во финишот. Во отсуство на Борко Ристовски и на Ловро Јотиќ, највпечатливи настапи имаа Тимур Дибиров содевет гола и Анте Гаџа со седум. Робин Кантегрел, кој го почна одлично мечот со пет одбрани во првите десетина минути, сепак, застана на девет, со 23-процентна успешност. Кај Мешков, Микита Вајлупов газеше незапирливо со 12 од 12, додека Иван Пешиќ запиша 13 одбрани.

Сега и не мора да се чека епилогот на последниот дуел од групата А, меѓу Елверум и Порто, затоа што се знае дека Вардар заврши на седмо место, што значи ќе вкрсти со Веспрем во осминафиналето. Првиот натпревар треба да се игра во Скопје на 31 март или 1 април, а реваншот е во веспрем на 7 или 8 април.