Наутро летна за Будимпешта и доби син, попладне се врати во Хернинг и го - „згази“ Тунис!

Денешниот ден засекогаш ќе остане запишан во меморијата на унгарскиот ракометен репрезентативец Мате Лекаи, со оглед на патешествието кое го имаше во текот на сите 24 сати чиј краен епилог е новороден син во Будимпешта и мундијалска победа над Тунис во данскиот град Хернинг за која тој беше најзаслужен.

На Лекаи денот му почна ептен рано наутро, со оглед што во 4.30 часот од дански Билунд одлета за Будимпешта каде што присуствуваше на породувањето на неговата сопруга, која во на свет го донесе неговиот син Ноа. Во 12.30 веќе беше во авион назад кон Хернинг, каде што стигна навреме во 18 часот да се појави во составот на Унгарија во пресметката со Тунис (26-21) во која постигна седум голови.

„Ова е најдобриот ден во мојот живот. Не може подобро од ова. Победивме, станав татко, скокам до небо од радост“, изјави Лекаи.

За својот фантастичен настап Лекаи беше избран за МВП на натпреварот.