Тренерите во ЛШ одлучија: Раул Гонзалес е најдобриот!

Поранешниот тренер на Вардар и актуелен македонски селектор, Раул Гонзалес е прогласен за најдобар тренер во Лигата на шампиони од страна на неговите колеги. 

Традиционално пред почетокот на сезоната Европската куќа на ракометот (ЕХФ) организира анкета помеѓу тренерите на екипите кои учествуваат во Лигата на шампиони да гласаат за идеален тим, најдобар тренер и најдобра спортска арена, односно најдобра атмосфера.

Новиот предводник на ПСЖ, Раул Гонзалес ја одбрани титулата од минатата година и повторно го доби признанието до своите колеги за најдобар тренер. Македонскиот селектор од своите колеги доби 18 гласа и за еден глас го победи тренерот на Монпелје, Патрис Канаје.

Интересно е тоа што атмосферата во салата „Јане Сандански“, каде што своите натпревари ги игра Вардар е на второто место, додека според тренерите најдобрата атмосфера ја има во арената на Веспрем.

Тренерите изгласаа и свој идеален тим. На листата не се најде ниту еден актуелен ракометар на Вардар, но затоа има место за двајца поранешни играчи на македонскиот првак. Најдобар голман е Арпад Штербик (Веспрем), додека најдобар централен бек е Лука Циндриќ, кој сезонава игра за Кјелце. Останатите ракометари кои го сочинуваат идеалниот тим според тренерите се, Уве Генцхајмер (лево крило), Микел Хансен (леб бек), Дика Мем (десен бек), Давид Балгер (десно крило), Лудовик Фабрегас (пивот).

Во изборот учествуваа 28 тренери на сите екипи кои играат во Лигата на шампиони сезонава и според правилата не смееја да гласаат за играчи од својот тим и секако за својата сала.