Тежок пораз во Битола: Е. Работник здробен од Хановер!

Македонскиот претставник во ЕХФ-купот, Еурофарм работник, претрпе четврти пораз во петтото коло од фазата по групи. Вечерашниов, од Хановер, беше најтежок досега, бидејќи беше изразен со 12 разлика.

Е: Работник не беше ни сенка на своето издание од Хановер, кога му се спротивстави на бундеслигашот и го држеше во неизвесност за победата до последните минути. Овој пат Германците славеа со 29-17, а насоките на мечот ги дадоа јасно уште во првите 15-тина минути од натпреварот.

По 3-3, направиа серија од 6-0 и оттогаш, па натаму само ја градеа предноста. Стевче Алушовски не беше задоволен од одбраната, а ништо подобар не беше ни нападот, па на паузата резутлатот гласеше 15-8. 

Вториот дел почна со 4-0 за Германците, некаде по 40. минута врзаа и пет гола едноподруго, па дојдоа во ситуација да уживаат и водство од 14 разлика. Битолчани се залагаа и се трудеа и се што успеаја е да ја намалат болката.

Кузмановски со седум гола ги предводеше домаќините, Остроушко се надоврза со седум а најефиксаен на средбата беше Угалде, некогашното крило на Барселона и на Веспрем, со девет од девет. Не смее да се заборави извонредната претстава на Мартин Цимер, голманот на Хановер, кој запиша 17 одбрани.

Со четвртиот пораз, Е. Работник останува на последната, четврта позиција во групата со уште една обврска, гостувањето кај Татабања на 31 март. На врвот на табелата водат токму Унгарците со седум бода, еден повеќе од Нексе и два повеќе од Хановер.