Стоилов: Барса заслужено победи, но ние ѝ олеснивме

Барселона одигра речиси перфектен натпревар, наспроти Вардар, кој премногу грешеше во нападот. Поразот беше заслужен, а со тоа се согласуваат и тренерот Роберто Гарсија Парондо и капитенот Стојнче Стоилов.

До крајот на групната фаза има да се играат уште седум натпревари, па Вардар веќе се фокусира на следниот дуел, кој е своевиден реванш со денешниот противник во „Палау Блауграна“.

„Честитки до Барселона, одиграа фантастичен натпревар. Благодарам до навивачите кои беа денеска тука, бидејќи направија фантастичнА атмосфера. Се боревме, направивме сè, но направивме многу грешки, утнавме многу шанси, а кога играте против Барселона морате да бидете перфектни. Барселона секогаш е многу тешко да се добие, а не на еден ваков натпревар со многу грешки. Перез де Варгас беше одличен на голот на противникот. Благодарност и до моите играчи кои се бореа, имаме уште седум натпревари до крајот и ќе се обидеме да победиме на што повеќе“, изјави Парондо.

Капитенот Стојанче Стоилов исто така го призна поразот и вечерва во „Јане Сандански“ победи подобриот тим.

„Барса заслужено победи, но ние денеска  им олеснивме. Направивме многу технички грешки во првото полувреме, утнавме наши шанси. Тешко беше да се брка разликата, кога веќе Барселона поведе со +6. Навистина беше тежок натпревар. Имаме шанса на следниот натпревар на гостувањето кај Барселона да се поправиме“, истакна пикерот на Вардар.