Стигна објаснување зошто годинава нема ракометна ЛШ на македонски канал!

Македонската спортска јавност е крајно фрустрирана што не може да ги гледа нашите претставници во ракометната Лига на шампионите во директни преноси на македонските телевизии, особено откако Вардар стартуваше со победа над европскиот првак, Монпелје. Објаснување стигна од главниот и одговорен уредник на ТВ Телма, Александар Кировски.

Кировски ја објасни позицијата на телевизииите, односно откри што треба да направат тие за да обезбедат пренос на домашен натпревар на Вардар или на Металург. Кога ќе се направи математиката, доаѓаме до суми кои се проблематични за македонските ТВ-станици и без да имаат конкуренција од гигант каков што е Арена ТВ, актуелниот носител на правата.

„Зошто нема пренос на македонските телевизии? Едноставно е. Бараат 120.000 евра за тв-права по сезона. Плус, на сите натпревари на Вардар и на Металург што се играат дома, да се прави пренос со минимум девет камери и репортажно возило (3-4.000 евра по натпревар) и ‘аплинк’ околу 1.500 евра. Сезоната би чинела најмалку 250.000 евра. Притоа, сите натпревари ги има на ‘Арена’?! Продаваат права за ‘фри ту еар’ и ‘бејзик кејбл’, ама бидејќи ‘Арена’ е ‘плати за да гледаш’, таа си има посебни права, а пола Македонија гледа ‘Арена’. И да се ексклузивни правата, фирмите во Македонија славо даваат пари за реклами и спонзорства, а не, пак, вака. Од кога зборуваме дека мора да се реши проблемот со авторски права, никој не слуша. На крај ќе гледаме само сателитски телевизии и турски серии“, напиша Кировски.

Регионалната ТВ-мрежа Арена е носител на правата за дуелите во ЛШ, а во Македонија таа може да се гледа по принципот „пеј пер вју“, како пакет на Макс ТВ. Според зборовите на Кировски, македонските телевизии имаат проблем да примамат спонзори и реклами дури и кога би биле ексклузивни пренесувачи, а камо ли кога за конкурент имаат помоќна и уште регионална ТВ-мрежа.

Статусот на Кировски доаѓа како одговор на шпекулациите дека ТВ Телма ќе почне со преноси од ЛШ од октомври, но и јавното незадоволство на дел од раководните лица на РК Вардар, на истава тема.