Словенците џабе се силеа – остануваат на ЕП!

Репрезентацијата на Словенија нема да се повлече од Европското ракометно првенство и појрај заканите за такво нешто по судиската кражба во ремито со Германија пред два дена, па ракометната федерација на Словенија денеска и официјално објави дека спортски ќе го одиграат мечот со Црна Гора вечерва од 20.30 часот.

Словенците се закануваа со заминување од ЕП, откако Германија со судиска помош се спаси за реми во трилер-мечот од второто коло (25-25), а сето ова тие денеска го соопштија на пресконференција. На Словенија ѝ треба најмалку бод против Црна Гора за да го продолжи настапот во втората фаза на ЕП.

„Управниот одбор на Ракометната федерација на Словенија одржа состанок за да видиме каков став ќе заземе во однос на ситуацијата во која се најдовме после дуелот против Германија. Бевме едногласни и се договоривме да продолжиме со натпреварувањето. На првиот натпревар не бевме задоволни од критериумот на судењето, а на вториот меч за начинот на кој бевме оштетени. Вториот меч беше причина за жалба, а бевме одбиени и многу сме разочарани поради тоа. И покрај сето тоа одлучивме да продолжиме со натпреварувањето и да останеме на овој шампионат. Одиме напред, а правдата ќе ја бараме на Спортскиот суд во Лозана“, рече првиот човек на словенечката федерација, Фрањо Бобинац.

Словенија по два меча има 1 бод, додека Макеоднија и Германија, кои за повеќе од еден час ќе го одиграат својот меч во третото коло во битката за првото место веќе обезбедија пласман во втората рунда.