Сега му е мајката Вардаре: Кил без Сагосен, Вајнхолд и без Винчек!

По двата врзани пораза од Монпелје и од Алборг, Вардар треба да „се вади“, ни помалку ни повеќе против гигантот Кил. Доскорешниот европски првак гостува во „Јане Сандански“ вечерва од 20.45, можеби во најпогоден можен момент за да биде совладан.

Кил има проблеми со отсуства и во составот вечерва ќе нема тројца важни играчи: еден од најдобрите светски ракометари во последните шест години, Сандер Сагосен, десниот бек Штефан Вајнхолд и „тепачот“ во одбраната Патрик Винчек. Не е дека Кил нема оружје во својот репертоар, тоа и понатаму е застрашувачки состав со Дувњак, Рајнкинд, Пекелер, Ландин на голот...меѓутоа би требало да е за нијанса полесно кога тренерот Филип Јиха ќе остане краток за ротација.

Кај Вардар се враќа Борко Ристовски, па поради тоа Али Сафар излезе од составот, а останатите 15 се најподготвените и најдобрите во моментов. Веселин Вујовиќ зборуваш со комплименти за играта во Алборг, без разлика што Вардар загуби. Посакува да ја повторат посветеноста и концентрацијата од поголемиот дел од тој натпревар, бидејќи без тоа не можат да се надигруваат со ривал како Кил.

Ова е идеален момент да се земе скалпот на „зебрите“ и затоа што наредија неколку слаби резултати и во Лигата на шампионите и во Бундеслигата. Во неделата загубија во домашното дерби со Магдебург и тоа на домашен терен, со 27-29, а во последните пет меча имаат уште три нерешени исхода (Пик Сегед, Лемго и Фуксе Берлин) и само една победа, против Загреб.

Во Лигата на шампионите го држат третото место во групата А, со седум бода, два повеќе од Вардар, кој е петти. Затоа, победа би значела враќање во конкуренција за врвот во групата и отворање на полесен пат во остатокот на сезоната.