Се смешка Вардар - Пик Сегед во осминафиналето од ЛШ!

Во денешните дуели во ракометната Лига на шампионите сè посочува на тоа дека во осминафиналето ќе се состави двојката Вардар - Пик Сегед. Прво црвено-црните загубија во Порто со 22-30, а сега ПСЖ си ја исполни обврската и го надигра Елверум со 31-25.

Не дека беше под знак прашалник оваа победа на Раул Гонзалес и неговите играчи, меѓутоа беше потребно да се случи за да констатираме дека сега само теорија, која во праксата е, речиси, неостварлива може да го симне ПСЖ подолу од второто место во групата А. Тоа, пак, значи дека францускиот супер-тим сигурно нема да му биде противник на Вардар, бидејќи прописите на ЛШ велат дека шестиот од групата Б вкрстува со третиот од групата А.

Трет во групата А со огромна сигурност ќе биде Пик Сегед, иако во моментов и унгарскиот и францускиот тим имаат по 20 бода. Проблемот е во тоа што, во последното 14. коло Пик Сегед ѝ гостува на Барселона, а ПСЖ го пречекува ППД Загреб. Треба гигантот од Париз да освои помалку бодови од Пик Сегед, што делува невозможно, макар што Барса, најверојатно, ќе нема мотиви да игра против Пик Сегед, зашто веќе може да го има загарантирано првото место.

Тоа е првиот услов за дуел Вардар - Пик Сегед во осминафиналето. Вториот е Вардар да остане шести во групата Б, а за да се случи тоа, потребно е Порто да освои барем бод на гостувањето кај Мешков Брест или Вардар да не го победи Монпелје во Скопје, идната сабота.

Што се однесува до денешниот натпревар во Париз, Сагосен беше најефикасен со осум гола, Фредриксен од Елверум даде шест.