Само Вардар да може, Кил веќе му помогна да мрдне погоре на табелата!

Конкурентите на Вардар од групата Б, во ракометната Лига на шампионите веќе го начнаа 10.  коло, последно во есенската полусезона. Во фокусот беше мечот во „Шпаркасен арена“, во кој Кил успеа минимално да го совлада Монпелје и со тоа да му помогне и на Вардар, со потенцијална победа утре над Веспрем да го одржи чекорот со втората и третата позиција во групата Б.

Веќе четврти натпревар едноподруго Кил одигра неизвесно, крајно драматично, но овој пат со „хепиенд“, совладувајќи го Монпелје со 33-32. Францускиот тим го презеде водството некаде по десетина минути игра и водеше долго потоа, со 19-16 на паузата, а потоа во вториот дел и со највисоки плус четири во неколку наврати.

Сепак, Кил почна да го возвраќа ударот и во последните десетина минути го сведе мечот на егал. Монпелје изедначи на минута и пол до крајот, но на девет секунди до завршната сирена Австриецот Билик погоди за конечни 33-32. Тој го заврши натпреварот со осум гола, еден помалку имаше Екберг, а на седум застана и најефикасениот гостин, Валентан Порт.

Во поизвесен тек се одвиваше вториот дуел од групата Б, меѓу Кјелце и Мешков Брест, а го добија Полјаците со 30-24, иако првиот дел им беше релативно тежок, со 12-11.

Сега Кил се одлепи на 16 бода на првото место, недостижен за конкурентите, но им направи услуга на екипите кои се борат за втората и третата позиција, бидејќи го остави Монпелје на 11 бода. Веспрем е втор со 12, на толку дојде и Кјелце по денешната победа, така што Вардар со потенцијална победа утре би можел да се изедначи со четвртопласираниот Монпелје со 11 бода. 

Натпреварот Вардар - Веспрем е закажан за утре во 17 часот.

 

ТАБЕЛА група Б: Кил 16, Веспрем 12, Кјелце 12, Монпелје 11, Порто 10, Вардар 9, Мотор 4, Мешков 4.