Ристовска во извонредно издание, ЦСКА се пласира на Ф4 во ЛШ

Најистакната македонска, ракометна репрезентативка, Сара Ристовска, со својата ЦСКА Москва се пласира на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите, елиминирајќи го ЧСМ Букурешт во четвртфиналето.

ЦСКА славеше над ЧСМ со 24-19 и во крајна драма го сврте двомечот во своја корист, само поради повеќе голови постигнати на гости. Во првиот круг, во Букурешт, Романките победија во поефикасен натпревар, со 32-27.

Овој пат ЦСКА го негуваше водството во текот на мечот, иако на крајот од првиот дел имаше минимални 12-11. Во второто полувреме предноста порасна и кога влегоа во завршните 10 минути достигна највисоки 22-15. Сепак, предводен од Кристина Неагу, ЧСМ се врати и намали на минус четири, но на 30 секунди до крајот Ведекина го постави конечниот резултат.

Ристовска се претстави во блескаво издание, како најефикасна во победничкиот состав, со седум гола од осум обиди. Прв стрелец беше Неагу со девет погодоци, а одлични беа голманките и на двете страни, Чана и Грубишиќ со по 12 интервенции.

ЦСКА е последниот, четврти патник на Ф4-турнирот во Лигата на шампионите, кој традиционално се одржува во Будимпешта. Другите учесници се последниот шампион, Ѓер, Брест Бретањ и Кристијансанд, а терминот за одигрување е 29 и 30 мај.