Раул: Ваков напад не игравме ни против Барселона!

Раул Гонзалес беше еднакво заслужен за победата на Вардар против Рајн-Некар (30-26) како и играчите кои „гинеа“ на теренот бидејќи генијално ја проучи играта. На прес-конференцијата по мечот го изрази задоволството од победата.

Шпанскиот стратег на Вардар не штедеше комплименти за Рајн-Некар и кажа дека било тешко да се одигра на вакво ниво против тим како германскиот првак.

„Јас сум многу задоволен бидејќи го победивме шампионот на германската лига, а тоа е најдобрата во светот. Рајн-Некар, пак, е најдобрата екипа на светот кога е во прашање играта седум на шест, тие демонстрираат како треба да се игра таа тактика, но ние бевме подготвени и се чувствувавме добро на теренот уште од почетокот. Потоа Рајн-Некар ја смени малку тактиката и беа подобри, но ние игравме со зона 5-1, со Кањелјас и Дибиров напред, добар беше и Штербик и до крај водевме сигурно, иако спуштија на четири гола“, раскажа на кратко Раул.

Вардар беше надмоќен и против Барселона во „Јане Сандански“, тогаш ја победи со 27-24. Раул ги спореди двата меча и рече дека овој бил подобар дури и од тој, барем кога е нападот во прашање.

„Мислам дека ова беше наш најдобар натпревар во напад. Игравме добро против Барселона, но мислам дека сега бевме подобри. Многу сум среќен затоа што не е лесно да играте против Рајн-Некар, тие имаат одличен тим, играат разновидно, менуваат одбрана 6-0, 5-1... Сега сме прво место, треба да играме и таму, имаме два дена за да се одмориме и ќе видиме“, додаде Раул.

Сега следува реваншот во Германија, ќе се игра в недела, на 26 ноември.