Раул: Немам никаков трик за германски екипи!

Вардар дојде до моментот кој му пресудува за успешноста на цела сезона, а Европа очекува ново чудо од „ормарот“ со трикови на Раул Гонзалес. Двомечот со Кил ќе пресуди дали одбраната на пехарот ќе биде комплетирана како што не успеала ниедна екипа досега. Првата проверка на силите е денеска од 17 часот.

Вардар влегува како фаворит во дуелот со Кил. Ретко кога во историјата тоа било така, но сега е, поради статусот европски првак, поради одличната сезона досега, но и формата која ја прикажа Вардар на завршницата во СЕХА-лигата. Делуваше дека ја загубиле „магијата“ преку неколкуте порази во февруари и во март, но пехарот во СЕХА ја врати онаа еуфорија која се зачна уште минатиот јуни. Сепак, кога е Раул Гонзалес во прашање, место за еуфорија - нема!

„Треба само да нѐ држи концентрацијата уште еден месец. Точно, ние ја освоивме СЕХА-лигата, меѓутоа сакаме да играме и на Ф4-турнир во Лигата на шампионите. Знаеме дека тоа ќе биде тешко, зашто Кил игра на максимално ниво. Последно играа со Берлин и победија со многу разлика, играат супер со добра одбрана и таму ќе биде многу тешко, бидејќи Кил е многу добра екипа“, вели шпанскиот предводеник на Вардар.

Не може да добиете лесен противник во последните осум во Лигата на шампионите, но Кил е еден од потешките. Особено што неговата форма зема очигледна нагорна линија во последните два-три месеца. Кил е дури петти во Германија, нешто што не било случај одамна, но сето тоа е во првата половина од сезоната. Сега, вели Раул, тоа е повторно истата застрашувачка екипа.

„Точно, Кил имаше неколку слаби резултати, но играше против Рајн-Некар дома и сега иста приказна – победа со многу разлика. Екипите се такви какви што се во моментов, а не какви биле некогаш. А Кил сега игра одличен ракомет, сите имаат проблеми против нив, а ќе имаме и ние“, најави Раул.

Кил го победи лидерот во Германија, Рајн-Некар со 27-22, а пред неколку дена славеше со 25-20 против Фуксе Берлин кој е трет. Сепак, Раул покажал дека знае против германски екипи и кога се европски шампиони и лидери во Бундеслигата и кога се во топ-форма. Човек да си помисли дека има некој посебен рецепт.

„Нема никаков трик, никаков рецепт. Само многу работа, играчите играат, а јас само можам да им помогнам“, вели скромно Шпанецот.

Натпреварот во Кил е денеска во 17 часот, а реваншот во Скопје на 29 април.