Рајн-Некар го згази Кристијанштад, Талески ја искористи укажаната шанса

Петтото коло во ракометната Лига на шампионите почна вечерва, со дуелот меѓу Рајн-Некар левен и Кристијанштад, кој го доби германскиот тим со 36-27.

Филип Талески беше стартер на овој натпревар и, всушност, ги постигна првите два гола на мечот. До крајот остана на нив, иако се обиде уште четири пати, неуспешно. Рајн-Некар имаше комотна предност уште во првиот дел, кој го доби со 18-14, а во вториот се одлепи и на плус 10. Најефикасен беше Србинот Богдан Радивојевиќ со девет од десет, а голманот Андреас Паличка запиша 13 одбрани.

Германскиот вицепрвак сега собра шест бода и, барем привремено, се изедначи со Барселона, со по шест бода, на втората и третата позиција, зад Вардар со осум кој е прв. Натпреварите во оваа група А ќе продолжат в сабота со натпреварите Мешков Брест - Барселона и Монпелје - Веспрем, додека в недела Вардар му гостува на Кјелце во 17 часот.