Проблем плус: Вардар следниот меч од ЛШ ќе го игра пред – противнички навивачи!

Ракометарите на Вардар, кои неделава добија неочекуван одмор без настап во Лигата на шампионите, поради одлуката на ЕХФ да им го одложи мечот на домашен терен против Елверум кој требаше да се одигра завчера, следниот меч ќе го одиграат на гости кај ПИК Сегед, кој доби дозвола да пушти публика на трибините.

Средбата е закажана за в четврток, а унгарскиот претставник потврди дека ќе може да биде следен од точно 972 фанови, кои ќе имаат можност да купат билети во следниот период. Приоритет ќе имаат тие со годишни влезници, а ако така не бидат продадени сите, тогаш останатокот ќе биде пуштен во слободна продажба.

 

 

Сите присутни на овој меч ќе имаат обврска да носат заштитна маска на лицето и да одржуваат дистанца од метар и половина. Сите фанови ќе пополнат и изјава со која ќе го прифатат секој ризик, а на влезот ќе им биде измерена температура, која не смее да изнесува повеќе од 37,5.

Клубот ги извести своите навивачи дека ако тоа е потребно, мечот ќе се одигра пред празни трибини и дека сите пари потрошени на влезници ќе бидат вратени.