Пред вардарки е натпревар за пласман на фајналфор во ЛШ!

Ракометарките на Вардар ги очекува послендото гостување во главната фаза од Лигата на шампионите, а работите се наместија така што токму овој натпревар, со Мец од 15 часот, може да го потврди првото место во групата 2.

Ако Вардар денеска не загуби од Мец ќе го загарантира првото место во групата 2, а тоа е сѐ што му треба за да биде со една нога и на Ф4-турнирот во Будимпешта. Причината за тоа е што како првопласиран, Вардар ќе вкрсти со Никобинг, кој е четврти во групата 1 и драстично послаб од Ѓер, Ростов и ЧСМ Букурешт. Не дека работата ќе им ја заврши некој друг, но екипа која губеше со 10, со 13 разлика од споменативе фаворити, не би требало да биде закана ни за македонскиот првак во четвртфиналето.

Е затоа вардарки треба да одиграат одличен натпревар денеска во Мец и да не го доведат во прашање својот перфектен скор досега во сезонава. Мец јасно покажа дека е сериозен противник, играјќи пристоен меч во Скопје, а да не споменуваме како помина Вардар во Франција лани - загубија со 28-42, што е најтешкиот пораз во неговата историја!

За овој меч Ирина Дибирова и Роберто Гарсија Парондо направија само една корекција во екипата, додавајќи ја Теодора Керамичиева, а за таа сметка ќе одмора Андреа Чанаџија, оставајќи ја екипата со два пикера.

Вардар има 14 бода, Мец брои 10, колку и Ференцварош, така што мотивацијата за бод повеќе ќе биде голема кај Французинките.