„Пожарот стивна“ засега, Вардар во најсилниот можен состав против Мотор! (ФОТО)

Откако Даинис Криштопанс и Павел Атман го напуштија Вардар неделава, а излезе вест дека на крајот на сезоната ќе си оди и Калифа Гедбан, кризата е ставена на пауза за денешниот дуел против Мотор Запорожје (17.30ч.).

Вардар во најсилен можен состав ќе му се спротивстави на украинскиот првак, како и да изгледа тој во моментот. Со оглед дека заминувањето на Криштопанс и на Атман предизвикаа гласини во јавноста за бојкот на некои од играчите на овој дуел, за комбиниран тим со млади играчи, Вардар и не изгледа лошо.

Де Толедо е тука за да го менува Криштопанс на десната бековска позиција, но прашање е колку е заздравен, па не е исклучено таму да го видиме Чупиќ. Шишкарев се врати во составот откако го пропушти Кил поради воспаление на увото, така што и тој ќе биде потпора за таа заслабена десна страна од напаѓачката постава.

Останатите кои се здрави сите се во составот. Го нема само Кристијан Дисингер, кој е повреден, но и кој јавно го истакна незадоволството од задоцнетите плати во Вардар, па најави дека ќе си оди.