Пораз од Кадетен, Е. Пелистер во осминафиналето оди на Магдебург

Еурофарм Пелистер не успеа да му парира на Кадетен Шафхаузен и загуби со 26-29, во последното коло од фазата по групи во Европската лига. Тоа значи дека македонскиот претставник во групата Д го освои четвртото место и во осминафиналето ќе вкрсти против Магдебург. 

Неколкуте повредени ракометари, отсутниот голман Хендави (поради виза), гостинскиот терен...сето тоа се фактори меѓу кои може да се бара поразот на Еурофарм Пелистер, кој ја прекина серијата од пет добиени натпревари. Дека тимот на Жељко не функционираше како што треба, покажува и движењето на резултатот уште од стартот. 

Дури во осмата минута Е. Пелистер го постигна својот прв гол на мечот, но среќа одбраната беше на ниво, па Кадетен водеше само со 2-0. До 15. минута беше 5-2 за Швајцарците, а потоа мечот се отвори, но нивното водство не се смени. Варираше од два до четири гола, за на паузата да застане на 16-12.

Во вториот дел Кадетен се одлепи и на плус шест, недостасуваше Хендави на голот, нападот тешко се снаоѓаше против зоната 6-0 на домаќините, па затоа и нападите да се стопи водството не беа сериозни. Најчесто доаѓаа до минус четири „пелистерци“ и тука завршуваше нивниот обид. Јосип Периќ со седум гола беше најефикасен, Елмир Граѓан постигна шест.

Со четвртиот пораз, наспроти пет победи во 10 меча, Еурофарм Пелистер освои доволно за четврто место во групата Д, со 11 бода. Само еден повеќе има ГОГ, а Кадетен заврши со 14, на второто. Со оглед дека шемата беше јасна уште пред почетокот на групната фаза, Е. Пелистер како четврти од групата Д, вкрстува со првиот од групата Ц, а тоа е бундеслигашот Магдебург. Првиот натпревар од осминафиналето ќе се игра во Битола на 23 март, додека реваншот во Магдебург е на 30 март.