Почина голманот на Порто: Срцето на Кинтана не издржа (ФОТО)

Голманот на ракометниот клуб Порто, Алфредо Кинтана денеска почина на 32-годишна возраст. Кубанецот со португалски пасош во понеделникот за време на тренинг доби срцев удар по што мораше да биде ставен во индуцирана кома. 

За жал неговото срце не издржа и денеска почина во болница во Порто.

„Порака која никогаш не очекувавме дека ќе ја објавиме, нашиот драг Алфредо Кинтана денеска не напушти. Засекогаш ќе бидеш запаметен како еден од нас. Вистински змеј. Почивај во мир“, напиша Порто на социјалните мрежи.  

Кинтана беше роден во Хавана, Куба, но речиси целата своја професионална кариера ја мина во Порто и затоа настапуваше за португалската репрезентација. За „змејовите“ настапуваше од 2010 година, а за националниот тим играше од 2014 година запишувајќи 56 настапи.