Вардар направи победничко сефте на домашен терен во Лигата на шампионите, совладувајќи го Порто со 32-27 Конечниот епилог делува несфатлив, ако само го погледнете резултатот од првото полувреме (14-16), камо ли и случувањата.

Победи за едно полувреме сме гледале многу во „Јане Сандански“, но оваа беше буквално таква, бидејќи вардарци тргнаа во второто со минус. Порто покажа бескомпромисна храброст во првиот дел, неуморно го казнуваше фаворитот и го диктираше резултатот.

Само трипати беше нерешено: 1-1, 8-8 и 10-10. Почетните беа премин кон изненадувачкото, рано водство на Португалците, вториот случај беше кога Вардар, божем, се врати, со серија од четири гола, а третиот беше кога Порто повторно го помина, користејќи го катастрофалниот период во играта на црвено-црнте. 

Несфатливо грешеа во додавања, во нападот, подарувајќи им на гостите лесни голови. Од 20. до 25. минута Вардар не успеа да постигне гол, а Порто за тоа време нанижа шест, за да поведе со највисоки 14-10. Предноста му остана и на паузата, но барем ублажена, со 16-14.

Вистинскиот Вардар се покажа во второто полувреме, уште од неговиот почеток.Со цврста и активна одбрана го принудија Порто да прави грешки, кои се кобни при напад „7 на 6“. Македонските прваци постигнаа дури четири гола на празна мрежа во првите десет минути од полувремето и не само што направија пресврт во водството, туку дојдоа до највисоки плус седум, 27-20.

Во оваа фаза од мечот, Порто постигна само еден, а прими осум гола, но хаосот во гостинските редови не можеше да трае вечно. Шведскиот тренер Андерсон ги собра на тајмаут и, барем го запре падот, ако веќе не можеше да направи чудо. Порто се доближи на три негатива, но Вардар веќе беше недопирлив, со разработен Кугис на голот и со расположени крила во нападот.

Дибиров, Чупиќ и Шишкарев заедно постигнаа 17 гола, а најефикасен беше Хрватот со седум, Русите имаа по пет. Криштопанс се придодаде исто ткака со седум погодоци, а неговиот сонародник Кугис  имаше 10 интервенции, од кои девет само во второто, фантастично полувреме. Кај Порто, левото крило Бранкињо броеше до шест гола. Следен за Вардар е мечот со Нексе, во СЕХА-лигата, во вторник, а идната недела му гостува на Мотор во ЛШ.