Писонеро: Во второто полувреме почнавме да веруваме во себе!

Давид Писонеро имаше огнено крштевање во „Јане Сандански“ на еден натпревар од Лигата на шампионите и го издржа успешно. Згора на тоа, го натера тимот да се врати од негатива и да го добие мечот со Порто.

Вардар одигра две различни полувремиња, а меѓу нив Писонеро не се возбудил многу, пренесе Дибиров. И самиот тренер призна дека не им викал на играчите, но дека побарал од нив да бидат пофокусирани и да веруваат во себе. Резултатот беше фуриозен старт на вториот дел, со 10 гола во првите 10 минути, апотоа сигурна победа (33-27). 

„Честитки до Порто, мислам дека одиграа добар меч овде. Нам ни беше тешко и тоа го знаевме пред натпреварот, дека ќе ни дојде еден добар тим. Во првиот дел од средбата не успеавме да се снајдеме најдобро. Имавме проблеми со брзата игра на Порто, но имавме и малку одбрани од голманите. Во вториот дел беше сосема спротивно. Голманите дадоа доста помош, а одигравме и добро во одбраната при 7 на 6. Бевме подобри и во нападот и тоа ни овозможи да направиме разлика која на крајот резултираше со наша победа. Во вториот дел од мечот успеавме да поправиме 2-3 ситници. Пред сè тоа беше да веруваме повеќе во себе.“, рече Писонеро.