Парондо: Македонија, Скопје, навивачите – не смеат да загубат ваков клуб!

Додека Вардар се подготвува за Ф4-турнирот во Лигата на шамионите, Шпанците се интересираат за тимот бидејќи ќе ѝ биде противник на Барселона во полуфиналето во Келн. Во интервју за „Мундо Депортиво“, Роберто Гарсија Парондо уште еднаш ја повтори лошата ситуација во Вардар, потврдувајќи дека се појави надеж за спас.

Она што Парондо го кажа на прес-конференцијата по мечот со Пик Сегед, во Унгарија, го повтори и за Мундо Депортиво. Ракометарите во Вардар немаат земено плата седум-осум месеци, мегутоа, Сергеј Самсоненко ветил да им исплати сè што им должи.

„Никој не земал плата и ќе помине некое време додека се случи тоа, иако претседателот рече дека ќе ни плати сè што ни должи. Сите сме во слична ситуација, ни должат шест, седум, осум месец... Никому не му се допаѓа оваа ситуација, но ние се фокусираме на нашата работа. Да се игра на Ф4-турнирот е сон за секого. Ако на тоа ги додадете сите проблеми што ги имавме, ние ја заслужуваме таа награда, за сè што страдавме оваа сезона“, вели Парондо.

И тој ги потврди пишувањата дека се прават напори за спас на клубот но потенцира дека сето тоа е во доменот на ветувња.

„Изгледа дека пред неколку дена се отвори можност за да се спаси клубот. Поранешниот претседател се обидува да издејствува поддршка од владата и од други спонзори, но уште ништо не е сторено, уште се само ветувања. Иднината на Вардар, во моментов, е многу комплицирана. Иако луѓето имаат желба, буџетот за којшто зборуваат нема да биде доволен клубот да продолжи на највисоко ниво. Македонија, градот и навивачите не смеат да загубат ваков тим“, дополнува Парондо.

Шпанските колеги пишуваат дека Вардар е клуб под ризик, дека може да не постои, но истовремено и дека поради тоа е многу опасен. Личеше дека ќе биде некаде во просечната средина на Лигата на шампионите од почетокот на сезоната, велат тие, но Вардар сите ги изненади. Ова се однесува на првичното рангирање на ЕХФ на учесниците во ЛШ, во септември, кога не го вброија ниту во топ-10 фаворити.

„На почетокот на сезоната сите ги забележавме шпекулациите дека Вардар не е ни меѓу топ-10 екипи во Лигата на шампионите и тоа ги мотивира играчите. По имиња, екпиата немаше многу квалитет, но работевме со тоа што го имаме и затоа многу сум горд како играчите работеа“, истакнува Парондо.