Ојлески: Еурофарм може во следното коло, само да бидеме мудри!

Тазе суперлигашот во македонскиот ракомет, Еурофарм работник, утре (19 часот) ќе го одигра својот прв натпревар во меѓународните купови, а противник му е литванскиот гранитас.

Илија Темелковски е од скоро тренер на екипата, но имаше доволно време да ја запознае. До душа, немал многу за да го анализира противникот, но увидел дека играат брз ракомет и ќе бидат незгодни за запирање.

„Имавме во краток период неколку домашни натпревари од Суперлигата многу, па не го анализиравме противникот детално. Во последните неколку дена имавме можност да гледаме натпревари и можам да ви кажам дека играат брз ракомет и мора да подготвиме соодветна тактика за да ги сопреме. Чест ми е што ќе ја водам екипата на овој прв меѓународен натпревар за клуб како Еурофарм Работник и се надевам дека во овој двомеч ќе излеземе како победници и ќе презимиме во Челинџ Купот“, вели Темелковски.

Ова трето коло од Челинџ-купот е всушност, филтер за осминафиналето во ова натпреварување, кое продолжува на зимо, идната година. Еурофарм можеби е млад како клуб, но играчите се искусни и знаат како во вакви нокаут-натпревари. Доказ за тоа е репрезентативецот Гоце Ојлески.

„Мора да бидеме мудри и да размислуваме дека ова е двомеч и одлуката околу патникот во следното коло ќе падне во Литванија. Имаме прв впечаток со каков ривал ќе се соочиме, а утре ќе се запознаеме и на првиот натпреваер. Сакам да ги повикам навивачите да ни дадат поддршка, бидејќи со нивна помош можеме полесно во следното коло на Челинџ Купот“, изјави Ојлески.