Од Вардар зависи: Противник е „само“ Кристијанштад, но влогот е второто место!

Ракометарите на Вардар ќе го одработат последниот гостински натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите, вечерва во 19 часот кај Кристијанштад. Противникот е, навидум, лесен и, условно, аутсајдер во групата, но мечот никако не смее да се сфати со потценување, затоа што носи влог кој го одредува второто место во групата.

Во претпоследното коло од групите А и Б во Лигата на шампионите, Вардар влегува како третопласиран, со 15 бода, еден помалку од Веспрем и три од Барселона. Сепак, целта е да се освои второто место, за тоа прво и прво Вардар треба да го стори своето дуелите со Кристијанштад вечерва и со Монпелје дома на 2 март.

Шведскиот првак не би требало да претставува поголем проблем за црвено-црните, со оглед дека на сите досегашни седум средби успеал да го совлада. Меѓутоа, ако веќе се консултираме со традицијата, никако не смее да се заобиколи фактот дека Кристијанштад редовно прави по едно-две изненадувања во групната фаза од ЛШ, земајќи им бодови на „големите“.

Овој пат дома го победи Веспрем, а европскиот првак Монпелје на гости го победи, дома го задржа на реми. Кристијанштад не се наоѓа во добра форма во ЛШ, има три порази едноподруго од Рајн-Некар, Кјелце и од Барселона, арно ама не смее да не се очекува во секој момент да еруптира. Исто така, не смее да се потцени факторот Љубомир Врањеш, новиот тренер на Швеѓаните, кој во своето си-ви има и европска титула од 2014 година.

Ако Вардар победи, ќе му остане последниот меч, дома со Монпелје, но и надежта дека Веспрем ќе загуби кај Кјелце на 2 март и само така ќе може да се врати на втората позиција, која носи полесен противник во осминафиналето.