Од група со Металург, ќе стигнат до Келн: Монпелје на дофат на сензација!

Ракометарите на Монпелје први направија чекор кон фајналфор-турнирот во Келн, играјќи нерешено на гостински терен против Фленсбург.

Екипата која доаѓа од група со Металург, значи од послабата „половина“ на Лигата на шампионите, на прагот е да направи колосално изненадување и нешто што никому не му успеало откако постои новиот формат.

Монпелје одигра 28-28 на гости кај Фленсбург, отворајќи си ја вратата да се пласира во Келн, со обична победа на свој терен, идната недела. Не дека и тоа ќе биде лесно, но лидерот од француската лига увери дека има материјал за овој голем успех, со тоа што одигра одлично второ полувреме и до пред крајот водеше.

Мечот почна изедначено и така траеше се додека Фленсбург не направи добар финиш на првиот дел за предност од 17-15 на паузата. Сепак, Монпелје бргу ги сврте работите и некаде околу 45. минута дури имаше и плус три, 23-20. Го држеше водството до последните 7-8 минути, а потоа се играше гол за гол, со минимална предност за Французите.

Штајнхаузер изедначи на 28-28 на минута и пол до крајот, со својот единствен гол на мечот и тоа остана конечен резултат. Сван Хансен, Ване и Лауге имаа по пет гола за Фленсбург, а кај Монпелје, Фабрегас седум пати биеше прецизно.

Иако ова е нов формат со две поквалитетни групи (А и Б) и две со помал квалитет и помали шанси за Ф4 (Ц и Д), сепак ред е да се одбележи дека Монпелје на пат е да стане првата екипа која од Ц и Д групите оди во Келн. Решението ќе падне на 29 април во Франција. Истиот ден и Вардар ќе го игра својот реванш со Кил. Претходно, во Германија гостува в недела.