Вардар го имаше натпреварот против Веспрем в раце, но највисоката предност од шест разлика ја загуби за само неколку минути, за на крај да доживее пораз со 27-29.

Второто место ќе биде пеколна задача до крајот на групната фаза, откако Вардар, вечерва, загуби од еден од директните конкуренти, Веспрем. Болката е поголема затоа што македонскиот првак беше одличен во најголем дел од натпреварот, а водеше и со максимални шест гола.

Тоа се случуваше во завршницата од првото полувреме, кога по 8-8, вардар направи серија од 4-0, потоа поведе и со 15-9, најавувајќи уште една доминанта партија, по онаа во Манхајм, пред 10 дена. Главен фактор за ваквиот развој беше Дејан Милосављев, кој запиша 11 интервенции само во првото полувреме, а во нападот предничеше Кристијан Дисингер.

На паузата резултатот застана на 16-11, но Веспрем сврти нов лист во второто полувреме. Го почна со четири гола едноподруго, потоа и со серија која продолжи до 6-1 и веќе во 38. минута работита се вратија на нула,17-17. Оттука до крајот се играше рамноправн, иако Вардар тесно водеше. Веспрем покажа континуитет и истрајност, па со одлична игра во одбрана почна да ја топи предноста.

Во 53. минута поведе со 24-23, првпат во второто полувреме, а Вардар неуспешно бркаше до крајот. Најголемата шанса ја имаше Тимур Дибиров, кој промаши седмерец за изедначување во 56. минута. На крај, Даинис Криштопанс беше прогласен за играч на мечот, иако постигна четири гола, колку и Скубе и Стоилов. Најефикасен кај, Вардар, сепак, беше Дисингер со петте гола од првиот дел, а кај Веспрем, Дејан Манасков постигна два гола од четири обиди.

Штетата е уште поголема кога ќе се земат предвид останатите резултати од групата А. Рајн-Некар загуби кај Мешков со 24-27 и, дефинитивно, отпадна од трката за второто место, а Кјелце дома загуби од Монпелје, на домашен терен. Засега Барселона води со 18 бода, пред Веспрем со 16 и Вардар со 15. Следниот меч вардарци го играат на гости кај Кристијанштад, в сабота.