„Невидена срамота е тоа што го направи Лино Червар!“

Ракометната репрезентација на Хрватска вчера претрпе шокантен пораз во пресметката со Аргентина (19-23), по што шансите за пласман во четвртфинале на Светското првенство (СП) во Египет им се сведоа на теорија, по што селекторот Лино Червар среде пренос најави оставка, потег кој наиде на осуда во хрватската спортска јавност.

Речиси да нема човек што не изреагира на потегот на искусниот стратег, кој потпиша капитулации на сѐ уште не завршен Мундијал. За поранешниот репрезентативец, Мирза Џомба, овој потег на Червар е – аматерски.

„Играчите против Аргентина се однесуваа како да се на загревање, немаше игра, а кој стигнеше си шутираше. Како да беше ревијална средба, а не битка за четвртфинале на СП. Освен Пешиќ и Чупиќ, останатите не одиграа ништо, а со двајца ракометари не можеш да ја победиш Аргентина. Потоа следуваше шокот со оставката на Червар. Тоа беше грдо. Оставивме лош печат, испаднавме тотални аматери, си го уништивме реномето што го градевме со години“, изјави Џомба.

Слично размислува и неговиот поранешен репрезентативен колега, Петар Метличиќ.

„Ова е најголемата грешка во кариерата на Червар. Ова е спорт, поразите се составен дел, но да направиш вакво нешто, да се простиш на незавршено првенство, тоа не е во ред. Хрватска е жива, сѐ уште има шанси за четвртфинале, па како сега тој ќе излезе на тренинг и на натпревар за да ги мотивира своите ракометари. Червар е последниот што треба да го напушти потонатиот брод, а не да биде прв“, изјави Метличиќ.

На Хрватска за пласман меѓу осумте најдобри селекции на Мундијалот им треба победа на утрешниот меч против Данска, но и триумф на Катар во пресметката со Аргентина.