Најмалку еден македонски тим и милион евра премија во новата ЛШ!

На залезот од Европското ракометно првенство, во Стокхолм се одржува состанок на претседателите на федерациите и клубовите од Европа, на кој беа дефинирани и потврдени неколку одлуки на ЕХФ, во однос на новата 2020/21 сезона. Најатрактивните моменти се однесуваат на Лигата на шампионите која добива нов формат и милионски награден фонд.

Како што беше елаборирано уште во јули, ЕХФ ќе прави драстична промена во клупските натпреварувања од сезоната 2020/21, почнувајќи од Лигата на шампионите, продолжувајќи со новата Европска лига, сè до ЕХФ-купот и Челинџ-купот. Лигата на шампионите ќе брои само 16 екипи, а Македонија ќе има едно загарантирано место меѓу нив.

Практично, во неа ќе се натпреваруваат екипите кои и сега ги сочинуваат групите А и Б, од актуелната ЛШ, а нејзиното пополнување ќе се врши по точно утврдени критериуми. Загарантирано место имаат шампионите на деветте најдобро рангирани земји во Европа, според клупскиот рејтинг. Благодарение на титулата на Вардар, Македонија е трето место, зад Франција и Германија и затоа нашиот шампион има сигурен пласман. Десеттата екипа доаѓа од земјата со најдобар рејтинг од последните три сезони во еден ранг пониското натпреварување, односно ЕХФ-купот или во иднина Европската лига. Останатите шест учесници ќе добијат т.н. вајлд-карта, практика, која ЕХФ ја имаше и досега. По теорија, можеме да се надеваме дека Македонија би можела да има и втор претставник преку овие вајлд-карти, но во реалноста тоа е малку потешко, со оглед дека за тие шест позиции ќе конкурираат многу моќни тимови.

Новата ЛШ ќе се игра во среда и во четврток, наместо за викенд и тоа во термини од 18.45 и од 20.45, а она што е занимливо за сите учесници е зголемениот награден фонд. Учесниците на Ф4-турнирот во сезоната 2020/21 ќе поделат 1.000.000 евра, а во женска конкуренција таа сума изнесува 500.000 евра.

Системот на натпреварување нема да биде многу различен од оној на 16-те екипи во групите А и Б од актуелната ЛШ. Разликата ќе биде во тоа што, откако ќе се одиграат 14-те кола во групната фаза не само првиот, туку и второпласираниот ќе го прескокне осминафиналето и ќе оди директно во четвртфиналето. Тимовите од 3. до 6. место ќе вкрстат по принципот 3-6, 4-5 во осминафиналето, па четирите победници ќе им се приклучат на првите и вторите места во топ-8 фазата.

Покрај еден сигурен тим во ЛШ, Македонија ќе има тројца претставници во новоформираната Европска лига. Сепак, судејќи по рејтингот на клубовите, само еден од нив би добил место директно во групната фаза, која ќе ја сочинуваат четири групи со по шест екипи. Од тие 24 екипи, 12 ќе се пласираат директно според ЕХФ-рејтингот, а другите 12 ќе мора да минат две квалификациски рунди. Натпреварите во Европската лига ќе се играат во вторник. 

ЕХФ-куп како натпреварување нема да згасне, туку тоа ќе биде името на она што досега беше Челинџ-куп.