Милосављев е во тимот на колото заедно со уште двајца екс-вардарци

Фасцинантната победа на Вардар во Загреб (27-18), во првиот круг од осминафиналето во Лигата на шампионите, беше пред сѐ тимски подвиг, но личните блесоци на одредени ракометари пробија во зоната на натпросечно. Таков е играчот на мечот во Загреб, Дејан Милосављев, кого ЕХФ го прогласи за голман на ова прво, осминафинално коло.

Милосављев беше зачеток на вардаровата доминација во „Арена“, запирајќи неколку важни топки на стартот, за да почне да се гради победничката предност. На крај, заврши со 14 интервенции и тоа со 45-процентна успешност, што е фантастичен биланс за ракометен голман. Во првото полувреме, кое заврши со 14-6, имаше 55 проценти одбрани, што ќе рече, дури ни секој втор шут на Загреб, во просек, не влегувал во гол.

Тоа без дилема го препорача за најдобар голман ова коло, во друшто со уште шестмина, кои беа најдобри на своите позиции. Меѓу нив има уште двајца вардарци, но поранешни. Лука Циндриќ е најдобар среден бек, а Алекс Душебаев најдобар десен, водејќи го Кјелце до реми на гостувањето кај Мотор Запорожје (33-33).

Двајца ракометари доаѓаат и од Рајн-Некар, левото крило Сигурдсон и пивотот Колбахер, кој постигна 11 гола против Нант. Идеалната постава ја дополнуваат и Лауге од Фленсбург на левата бековска позиција и Кзакевич од Мотор на десната крилна.

Ова не е сѐ од Милосављев во најновиот магазин на ЕХФ-ТВ. Го има и меѓу најдобрите пет одбрани на колото, иако како петти, со двојна интервенција. Приматот овде го има Норвежанецот Бергерунд од Фленсбург, додека најубавиот гол го постигнал Сигурдсон.

 

ТИМ НА КОЛОТО

лево крило - Гудјон Валур Сигурдсон (Рајн-Некар)

лев бек - Размус Лауге (Фленсбург)

среден бек - Лука Циндриќ (Кјелце)

десен бек - Алекс Душебаев (Кјелце)

десно крило - Артем Козакевич (Мотор З.)

пивот - Јаник Колбахер (Рајн-Некар)

голман - Дејан Милосављев (Вардар)