Металург патува за Лисабон без двајца Македонци, но со двајца странци

Металург во сабота (19.30 часот) го игра првиот натпревар во новата сезона во ракометната Лига на шампиони и тоа на гости кај Спортинг Лисабон. Екипата утре заминува за португалскиот главен град, но без неколку важни ракометари. 

Тренерот Данило Брестовац мака мачи со повредите на стартот на сезоната. Во авионот за Лисабон нема да бидат двајцата десни бекови Томислав Јагуриновски и Мартин Велковски, додека во составот се враќа Марио Танкоски, кој заработи повреда против Нексе во неделата, но засега не се знае дали ќе може да му помогне на тимот.

Единствена добра вест за македонскиот вицепрвак е фактот што Брестовац ќе може да смета на двајцата странци во тимот, средниот бек Лука Стојановиќ и пикерот Адријан Миличевиќ. 

„Не чека натпревар со сериозна екипа, која располага со цела низа на искусни ракометари. Нашиот, пак, проблем е што и на овој натпревар нема да бидеме комплетни. Велковски и Јагуриновски остануваат во Скопје, а Танковски ќе патува, иако не е 100 % подготвен. Добра вест е што во тимот за прв пат ќе ги имам средниот бек Лука Стојановиќ и пикерот Адријан Миличевиќ, што ќе ми даде малку поголема слобода во ротациите. Секако дека сме оптимисти, но за да се извлече добар резултат во Лисабон ќе треба да се поклопат многу коцки. Ќе треба да играме дисциплинирано и паметно. Принудени сме да се базираме на помал број на ракометари и од играта на секој од нив ќе зависи и исходот на средбата. Имаме уште малку време за подготовки, ќе одработиме уште два тренинга, а ќе имаме и две видеоанализи“, вели Брестовац за клупската интернет страница.