Металург уште еднаш го повтори веќе виденото сценарио оваа сезона, за да го запише шестиот пораз во седум меча во Лигата на шампионите. И претходно имаше солидно прво, а лошо второ полувреме, но мечот со Спортинг, вечерва во „Борис Трајковски“ прикажа најголем контраст досега, за конечни 31-24 за Португалците.

Во првото полувреме Металург постигна 18 гола, во второто трипати помалку - само шест! Тоа не може да биде доволно да се победи никој, камо ли екипа од Лигата на шампионите, па Спортинг искусно го искористи подарокот. 

Мечот почна одлично, со оној Металург кој и Данило Брстовац го замислива и публиката го посакува. Водството уште рано се качи на 8-4, а Мартин Томовски уште до таа 10. минута најави дека ќе има брилијантна партија, со четири одбрани. Првото полувреме го заврши со седум, но неговите соиграчи не успеаја да задржат така комотна предност, па на пауза заминаа со 18-17.

И како и многупати оваа сезона, Металург го упропасти трудот од првото полувреме и на почетокот на второто ги испушти конците од рака. Спортинг ја неутрализира негативата и поведе, а металурзите беа и математички една третина од себеси, споредено со првото полувреме, барем кога е нападот во прашање. Првите 15-тина минути и беа пристојни, па резултатот стоеше на достижни еден-два разлика.

Меѓутоа, по 23-24 во 48. минута, Металург успеа да постигне само еден гол до крајот?! Спортинг исто така имаше фантастичен голман меѓу стативте, Матевж Скок, кој запре неверојатни 13 удари во второто полувреме, наспроти само шесте примени гола. На крај тој заврши со 18 одбрани, а Томовски имаше 17. Димитар Димитриоски ги предводеше стрелците со пет гола, четири постигна Марио Танкоски. Металург остана последен во групата Ц, следниот меч го игра во Истанбул, со Бешикташ, на 17 ноември.