Металург победи, ама ќе оди во Швајцарија со „тенка подлога“

Металург го задоволи првиот критериум за успешен меч против Криенс, во квалификациите од Европската лига на ЕХФ - победи. Меѓутоа, победата во салата „Јане Сандански“ беше изразена со само два гола разлика, што може да биде проблематично на реваншот во Цирих.

Металурзите го совладаа Криенс со 26-24, спасувајќи се дури и од пораз, ако се суди по резултатот во второто полувреме. Впрочем, контролата на семафорот момците на Зоран Кастратовиќ ја вратија некаде во последната четвртина од мечот, кога успеаја да го скротат противникот на само еден постигнат гол во рок од 10 минути.

Во 46-тата Криенс водеше со 20-18, но тука застана. Проработе одбраната на Металург, служеше и контрата кога требаше, па серијата бргу дојде до 5-1, за 23-21 на пет минути до крајот. Потоа веќе и не беше толку страшно што до крајот се играше гол за гол, бидејќи Металург ја заработи победата.

Првиот дел се одвиваше слично, тесно и изедначено од аспект на резултатот, со тоа што тогаш Металург диктираше и често поведуваше со по два разлика. На полувреме, сепак, замина со 14-13. Криенс уште на стартот на вториот дел го презеде водството и му создаде сериозни проблеми на македонскиот претставник во второто квалификациско коло од Европската лига.

Тарабокија и Хорват беа најдобри поединци, со по осум гола, кај противниците Папеж постигна шест. Реваншот се игра во Цирих, на 29 септември, а победникот од овој двомеч ќе се пласира во групите од Европската лига.