Металург го одмина корона-бранот, сите здрави тргнаа кон Цирих

Ракометарите на Металург се здрави, сите негативни на коронавирусот, покажаа тестовите пред заминувањето кон Цирих, за реваншот со Криенс во вторник, од квалификациите во Европската лига.

Бранот на коронавирус, кој го зафати македонскиот ракомет, очигледно, ги одмина ракометарите на Металург. Целата екипа, стручниот штаб и раководството направија задолжителни тестови пред тргнувањето за Цирих и резултатите се негативни.

Екипата денеска се упати кон Истанбул, а оттаму утре ќе замине кон крајната дестинација. Натпреварот против Криенс се игра во вторник во 18.45 часот, а Металург во него ќе влезе со предност од два гола, со победата од Скопје, со 26-24.

Металург требаше да одигра првенствен натпревар од Суперлигата во четвртокот, против екипата на Работнички, но два дена претходно таа пријави 15 позитивни ракометари на Ковид-19. Со тоа бројката на заразени ракометари во нашето првенство дојде до 50-тина.