Металург доби „амин“, ќе игра во ЛШ и следната сезона!

Македонскиот вицепрвак, екипата на Металург, трета година едноподруго ќе настапува во Лигата на шампионите со т.н. вајлд-карта, односно со специјално одобрено барање од ЕХФ. Ова беше решено на денешниот состанок во Глазгов, на кој европските ракометни власти разговараа за повеќе теми, меѓу кои и учесниците во новата сезона во ЛШ.

Металург и за следната сезона ќе ги задоволува потребните критериуми, сметаат од ЕХФ и затоа го ставија во друштво на екипите кои ќе настапуваат во групите со, условно, понизок квалитет, Ц и Д. Металург таму ќе биде заедно со Адемар Леон, Спортинг, Елверум, Бешикташ, Вакер Тун, Чеховски медведи, Динамо Букурешт, Татран Прешов, Кокс, Висла и Силкеборг.

Сите овие екипи се сврстени овде судејќи по рејтингот и по квалитетот, но некои од нив се национални шампиони, а некои се како Металург, прекомандувани од ЕХФ-купот, кои природно би им следувал. Меѓутоа, има и такви екипи, кои добија т.н. вајлд-карта, а ќе се натпреваруваат во посилните групи А и Д.

Такви се Нант, Монпелје и Рајн-Некар и Веспрем сместени во друштво на државните шампиони Вардар, ПСЖ, Кјелце, Пик Сегед, Фленсбург, Барселона, Скјерн, Мешков Брест, Загреб, Мотор Запорожје, Кристијанштад и Целје.

ЕХФ реши оваа година да нема квалификациски турнир, па екипите кои отпаднаа, едноставно, не ги задоволиле критериумите. Комисија на ЕХФ решаваше по осум критериуми кои од екипите заслужуваат да играат во ЛШ, без разлика дали во А/Б или Ц/Д групите:  сала, ТВ-преноси, пласман во домашното првенство, заинтересираност на гледачи, успеси во минатите ЕХФ-натпреварувања, маркетиншки потенцијал и исполнување на обврските и прописите на ЕХФ.

Металург доби предност пред еден Фуксе Берлин или Горење, како и пред помалку етаблираните СКА Минск, Макаби, Алпла Хард и Лајонс. Имаше сомнеж дека можеби заминувањето на Лино Червар ќе го спушти рејтингот на македонскиот вицепрвак, сепак тој остана меѓу елитата, а ова треба да биде поттик и за раководството да состави конкурентен тим или, барем, да задржи дел од минатосезонскиот.

ЛШ ќе се игра по досегашните систем и правила, а ждрепката за групите ќе се влечи на 29 јуни.