Мец е криптонит за вардарки: Прв пораз за македонскиот првак во ЛШ!

По перфектна серија од девет натпревари ЖРК Вардар загуби во Мец со 22-24, оддолжувајќи ја разврската за првото место во својата група 2.

Слично како минатата сезона, гостувањето во „Мец арена“ беше кобно, болно и различно од сите други натпревари на ЖРК Вардар. Овој пат не загубија со 14 разлика како лани, но си ја расипаа совршената серија победи и што е поважно, ги оставија конкурентките во игра за првото место во групата.

Натпреварот беше изедначен, иако Вардар поведе со 4-1 во почетните минути. Тоа остана единствен случај кога една екипа поведе со повеќе од два гола на овој натпревар. Вардарки тргнаа да го играат својот ракомет поведувајќи со 9-7 во 18. минута, но тогаш настана огромен пад во играта, со девет минути без погодок за Вардар, што доведе до пресврт на резултатот. Тврдата игра продолжи до крајот на полувремето и на одмор се замина со 10-10.

Главната причина за ваквиот налет на Мец беше голманката Рајчиќ, која го заврши првиот дел со девет интервенции. Ако вардарки мислеа дека тоа е многу, тогаш не знаеја што ги чека во продолжението на средбата. Црногорката не само што не прекина, туку го зголеми својот удел во натпреварот и главно поради неа натпреварот беше „гол за гол“ до 50. минута. 

Тогаш Вардар првпат се одвои на плус два (20-18), но попусто кога следуваше нов пост. За само четири минути Французинките постигнаа четири гола и тоа водство го задржаа до крајот. Рајчиќ заврши со 19 одбрани, Лејно беше солидна, но нејзините 10 одбрани не беа доволни. Лекиќ постигна пет гола, по три дадоа Пенезиќ, Лазовиќ, Радичевиќ и Лакрабер, а одличната одбрана на Мец одлично ја затвори Цвијиќ која имаше еден единствен шут на голот.

Вардар остана на 14 гола, Мец сега има 12, па во теорија може да го стигне во преостанатите две кола. Сепак, ако вардарки го победат Битигхајм на 2 март, во Скпоје, ќе го обезбедат првото место, кое ќе значи многу полесен противник во четвртфиналето.