Манасков и Веспрем ја урнаа Барса и му одмогнаа на Вардар!

Борбата за врвот во групата А останува комплицирана, откако Веспрем ја совлада Барселона пред своите гледачи со 29-26. Лидерот остана на 18 бода, три повеќе од Вардар, но Веспрем го задржа чекорот со македонскиот првак, со 14 бода.

По првото коло, само вторпат сезонава Барселона се соочува со пораз во Лигата на шампионите, а голем дел од заслугите има и македонскиот репрезентативец Дејан Манасков. Тој беше еден од четворицата најефикасни во тимот на победникот, со по четири гола, заедно со Мае, Тонесен и Ненадиќ.

Лидерот во групата водеше некаде до 15. минута од мечот, а потоа Веспрем направи серија од четири постигнати и само еден примен гол и поведе со 13-10. Барса успеа да се врати на „нула“, со 15-15 на паузата, меѓутоа во второто полувреме ниту еднаш не поведе. Изедначи на 22-22 во 45. минута, но кога Унгарците поведоа со 28-25 во 54. јасно беше дека нема да ја пропуштат шансата.

Веспрем дојде до 14 бода, еден помалку од Вардар и тоа токму пред нивната меѓусебна пресметка во Скопје идната сабота. Во друга ситуација би рекле дека ова е позитивен резултат за Вардар, бидејќи лидерот пред него загуби, но аспирациите за првото место згаснуваат со фактот дека Барса до крајот има два домашни меча и еден на гости кај Монпелје, така што тешко дека ќе ја испушти таа привилегија.

Во вториот меч од групата А, Монпелје го совлада Мешков Брест со 29-23 и ги сочува шансите, барем, за шесто место во групата, кое носи во осминафиналето. Сега има пет бода, колку и Мешков пред него и Кристијанштад зад него.