Манасков: Дејвис убаво ни се развика во соблекувалната!

Дејан Манасков активно учествуваше во победата на Веспрем против Вардар, со два погодока, а на прес-конференцијата по натпреварот откри како почнал пресвртот...уште во соблекувалната.

Манасков добро знае каква е атмосферата во „Јане Сандански“, за волја на вистината, денеска беше најжешка во последните неколку месеци, но ниту тоа не му помогна на Вардар. Првото полувреме беше одлично, но во второто видовме обратни лица, а Дејан Манасков откри како Давид Дејвис ги мотивирал.

„Среќен сум што се вратив во Македонија, во мојот град. Знаевме и пред натпреварот дека ќе биде тешко, дека ќе има тешка атмосфера во Јане Сандански. Почнавме лошо во првото полувреме, правевме грешки. На паузата Давид имаше долг говор, ние го послушавме, бевме подисциплинирани. Мислам дека со тоа што го покажавме во второто полувреме заслуживме да победиме“, рече Манасков, на англиски, за разлика од неговиот тренер кој имаше мерак да зборува на македонски.