Мачен дуел во Кристијанштад, но Вардар извлече победа!

Вардар останува на планот за освојување на второто место во групата А од Лигата на шампионите, иако одигра тежок меч во Кристијанштад. На крај се брои резултатот, а тој гласи 32-30 за македонскиот првак.

Викинзите се покажаа тврд и многу жилав противник, па до последните секунди од натпреварот во Кристијанштад не сакаа да се откажат од победата. Вардар пропушти неколку големи шанси да го реши мечот порано, сепак, искуството и присебноста на крај беа на негова страна.

А имаше проблеми уште од почетокот на натпреварот. Кристијанштад се покажа зрел и достоен ривал, па предводен од голманот Капелин држеше, во најмала рака, егал во првото полувреме. Капелин нанижа 10 одбрани само во првото полувреме, па јасно е зошто Вардар речиси 30 минути бркаше негатива, во одредени моменти и минус два. На паузата беше 17-16 за Кристијанштад, а веќе во вториот дел работите се сменија.

Се разбрани Калифа Гебадне, кој влезе од клупата уште во првиот дел и беше клучен за серијата од 3-0 на Вардар во почетните минути од второто полувреме. Поведе со 24-21 и продолжи да го негува водството некаде до завршните 10 минути. По највисоките 28-24 во 50-тата, Вардар не можеше да постигне гол пет минути, па Кристијанштад дојде на само минус еден. Дибиров промаши седмерец, па Швеѓаните дојдоа во ситуација и да изедначат, но Калифа беше последната надеж која спречи контра очи в очи со Фрајман и ја остави победата во живот.

Со осум гола, Криштопанс беше прогласен за играч на мечот, а најголема помош имаше од Шишкарев со пет погодоци. Калифа заврши со шест интервенции, Милосављев имаше четири од првиот дел, а Капелин на голот на Кристијанштад имаше дури 17.

Со овие два бода Вардар го осигура третото место во групата А, засега со 17 и останува борбата за второто со Веспрем, кој има 16, но утре дома игра со Мешков Брест. За да заврши Вардар второпласиран потребна му е победа над Монпелје во последното коло, но и пораз на Веспрем на гости кај Кјелце.