Лазаров: Си замина Душебаев, ама на Вардар сега ништо не му недостасува!

Почнале многу натпревари, но утрешниов ќе биде посебен. Вардар ќе излезе пред своите љубители (во 17.30 часот) со должна доза на свеченост бидејќи првпат, во сопствениот дом ќе излезе да го брани европскиот престол. За да биде уште поспецијално за македонската публика, противник е Нант, а во него нашата ракометна икона, Кире Лазаров. За Спорт1, Лазаров ги сподели своите впечатоци и очекувања пред утрешниот меч.

Излезе на познатиот паркет во (сè уште) непозната црно-бела униформа. Нант првпат гостин, а тој домаќин на своите соиграчи. Првпат доаѓа во Скопје во подредена улога, без грандиозноста на едно име како Барселона зад себе, но тој е истиот - Кире Лазаров - кој го победи Вардар во ноември 2015 во истиов „Јане Сандански“. Сега почна нова приказна и, очигледно, му годи.

„Засега ми е добро, добро се прилагодувам. Имавме добар подготвителен период, победи против силни противници. Ова е нова екипа, амбициозна, којашто расте од година во година и можеби малку изненадувачки и непланирано освоивме една титула. Меѓутоа се разбира дека секоја титула е добредојдена и ја посакувате, без разлика дали сте фаворит или не, убаво е чувството. Амбициозен е тимот, ќе расте секоја наредна сезона, ќе купуваат нови играчи и ќе биде сè подобар“, вели Лазаров.

Како почна неговиот Нант, кој знае за што сѐ е способен. На „Трофејот на шампионите“ ги победи и ПСЖ и Монпелје и стигна до пехарот, а формата ја задржа и во Лигата на шампионите совладувајќи го Пик Сегед. Можеби и овде целта е врвот, скалпот на Вардар, Барселона, Рајн-Некар...

„Не сакаме да брзаме, ќе одиме чекор по чекор и затоа првичната цел е да влеземе во првите шест екипи, во осминафиналето. Ако бидеме петти уште подобро, ако бидеме четврти уште подобро и така натаму...Можеби малку порано од планираното влеговме во добра форма, јас се надевам дека ќе ја задржиме, иако ниедна екипа, во кој било спорт не може да задржи висока форма цела година. Задоволни сме и уживаме во моментов“, изјави мудро Кире, фрлајќи каков било притисок од својата екипа.

Впрочем, Нант е екипата со најмалку „набилдани“ очекувања зад себе, бидејќи лани дебитираше во Лигата на шампионите, а годинава е првпат во елитниот ешалон. Оттука, секој противник ќе го пречека опшутено и од позиција на „аутсајдер“. Така ќе биде и утре, тие се дебитантот-предизвикувач, Вардар европскиот првак-фаворит.

„Знаеме што нè очекува утре, дека ќе играме против силен Вардар, против европскиот првак, кој во секој момент знае што сака и ќе гледаме да уживаме и да се обидеме да покажеме еден добар ракомет. Јас сум играл, но ние како Нант првпат играме против Вардар, ново ќе биде за двете екипи. Знаете, полесно е кога го имате почувствувано противникот“, додава 37-годишниот репрезентативец на Македонија.

Со него Нант доби нов десен бек, но сезонава и Вардар има нов играч на таа позиција. Горостасот Криштопанс, го замени агилниот Душебаев и сите очи се вперени како Вардар ќе се носи со таа промена. Душебаев беше најдобриот стрелец на екипата во ЛШ и многу влијателен во нападот, но Кире на ова гледа како позитивен момент за Вардар и опасност за противниците.

„Прерано е да се дава некој заклучок, но изгледаат добро, сега се уште покорпулентни, уште повисоки и поцврсти во одбраната. Имаат екстра-квалитетна одбрана, екстра-квалитетен голман, во транзиција многу добри, паметни во нападот – ништо не им недостасува. Тоа што направија само една промена може многу да значи, бидејќи играчите се поврзани, доста се воиграни. Колкава и да е таа промена, само една е и нема толку да се чувствува, не им треба период за адаптација“, заврши Лазаров.

Против Пик Сегед постигна два гола, а сигурно и утре ќе биде еден од најопасните по голот на Штербик. Овој пат Раул Гонзалес ќе игра против него во улога на селектор, но тој веќе изјави дека колку и да е извонреден Лазаров, ќе мора да се брани од целиот Нант.

Владко Арсов