Лазаров лошо шутираше, но Нант го совлада Пик Сегед

Ракометарите на Нант успеаја да го добијат дерби натпреварот со 29-26 против второпласираниот во групата Б - Пик Сегед. Македонскиот интернационалец, Кирил Лазаров постигна два гола од осум обиди. 

По една жестока борба, ракометарите на Нант успеаја да освојат големи два бода. Домаќинот подобро го започна натпреварот и уште на самиот старт имаше предност од три погодоци, на полувреме тимот на Лазаров замина со предност од 13-11.

Пик Сегед се врати во натпреварот во вториот дел, но фуриозниот финиш на Французите им ја донесе победата. Најефикасен во тимот на Нант беше Валехо Ривера со седум постигнати голови, во поразениот тим Стефан Сигурмансон постигна шест.

Нант со оваа победа е трет со бод, но и натпревар повеќе од Флензбург. Токму против Германците Лазаров и Нант ќе се соочат во последното коло, во директен дуел за третата позиција. Со Пик Сегед ситуацијата е јасна, Унгарците ќе бидат сигурно второпласирани, а натпреварот против Загреб во последното коло ќе биде само од формален карактер.