Лазаров е далеку од Ф4 во Келн, Нант прегазен од Барса!

Барселона одигра супериорен натпревар на гостувањето кај Нант, совладувајќи го со 25-32 и сведувајќи му ги на теорија шансите за пласман на Ф4-турнирот во Лигата на шампионите.

Капитенот на македонската репрезентација и неговите соиграчи тешко се справуваа со Барселона уште од почеток, препуштајќи и го водството, кое достигна и највисоку плус пет. Дури и одличниот Кевин Бонефол на голот со осум одбрани во првиот полчас не спречи резултатот да биде 12-16 за Барса.

Во вториот дел се виде дека Нант нема капацитет за сензационално враќање, кога предноста на Каталонците се качи на 15-25. Кире Лазаров немаше добра шутерска ноќ, погодувајќи двапати од пет обида. Валеро Ривера беше прв стрелец со осум гола, а најдобар на паркетот беше пивотот на Барселона, Лудовиг Фабрегас, со девет гола од 11 шута.

Реваншот во Каталонија ќе се одигра на 4 мај, како потврда на пласманот на Барселона на Ф4 во ЛШ.