Металург пак во карантин, „виси“ двомечот со Чеховски Медведи!

Коронавирусот продолжува да му прави проблеми на македонскиот ракомет, откако вечерва дојде информацијата за нови позитивни тестови во таборот на Металург, поради што целата екипа мора да замине во карантин.

Последните тестирања покажале двајца новозаразени во тимот од Автокоманда, по што од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле издадени решенија за карантин до 16 декември. Ова значи и ново одлагање на европските натпревари на Металург, како и на наредните дуели од Суперлигата.

„Металурзите“ веќе имаа договорено двата меча од Европската лига со Чеховски Медведи да ги одиграат во Русија и тоа на 8 и на 11 декември, но јасно е дека овие натпревари ќе мора повторно да се презакажуваат поради враќањето на Ковид-19 во таборот на овој тим.