„Ќе одиме во Сегед да се фрлиме на глава, па што биде - нека биде!“

Екипата која му подари на Вардар помирен финиш на групната фаза од ЛШ сега стои пред нов предизвик. ППД Загреб гостува кај Пик Сегед, а иако десеткувани поради повреди, хрватските шампиони се самоуверени и велат дека ќе одат по чудо во Унгарија.

Загреб го победи Нант во својата „Арена“ и ги остави живи шансите за пласман на шестото место во групата А, кое последно води во осминафиналето. Засега и тие и Висла и Кристијанштад имаат по шест бода и секој еден бод ќе значи многу.

Им следува гостување кај Пик Сегед, тимот кој сезонава ги победи и Барселона и Рајн-Некар, но „плинарите“ велат ќе се фрлиме на глава ако треба, па што биде – нека биде.

„Во екипата има добра атмосфера, победата против Нант нè крена. Имаме многу проблеми со повредени играчи, но одиме во Сегедин да се фрлиме на глава, па што биде нека биде. Нема да биде лесно, поради атмосферата и полната сала, но нема да се предадеме, како што никогаш не се предаваме“, вели еден од најсискусните, Јосип Валчиќ.

Со победата над Нант, загрепчани му го направија на Вардар покомотно првото место. Македонскиот шампион сега треба само да остане непоразен на гостувањето во Франција, утре во 17 часот и ќе го обезбеди првото место, што, пак, ќе значи одмор за осминафиналето и директен пласман во четвртфиналето.